Во летото 2023 година се случи фудбалски феномен кога клубовите од Саудиска Арабија, инспирирани од доаѓањето на Кристијано Роналдо, започнаа финансиска „војна“ за европски ѕвезди и со огромни договори привлекоа бројни асови од најсилните лиги, нудејќи им незамисливо богатство и можност да играат во најамбициозната лига на Блискиот Исток.
Сепак, трендот полека се менува. Многу од тие играчи сакаат да се вратат во Европа. Причините се бројни.
Џордан Хендерсон беше меѓу првите кои ги спакуваа куферите. Англискиот играч за врска го напушти Ливерпул и потпиша тригодишен договор со Ал-Етифак, но ја прекина соработката само по шест месеци и се пресели во Ајакс.
Ален Сен Максимин доживеа слична судбина. Неговата епизода во Ал-Ахли траеше една година.
Од Саудиска Арабија си замина и мегаѕвездата Нејмар, но тој не се врати во Европа туку во таковината, во својот матичен клуб Сантос.
Заминувањето на младиот Габриел Веига, исто така, предизвика големо внимание, тој се врати во Европа откажувајќи се, според претседателот на Порто, од повеќе од 90 проценти од својата плата.
Напаѓачот на Астон вила, Џон Дуран, се пресели во Ал-Наср во јануари 2025 година за 77 милиони евра, но по шест месеци се врати во Европа, на позајмица во Фенербахче.
Последен во низата „враќачи“ е португалскиот бек Жоао Кансело. Тој е на позајмица во Барселона.
Најновите информации се дека излез бара и Н’голо Канте, кој планира да го напушти Ал-Итихад, но клубот од Џеда му го отежнува заминувањето. Искусниот Французин е уморен од играњето во Арабија и сака да се врати во форма пред Светското првенство.
Сите овие примери јасно покажуваат дека дури и најбогатите договори не можат да ги заменат професионалните и личните амбиции, потврдувајќи дека Европа останува најпосакуваната фудбалска дестинација.

