Поранешниот хрватски фудбалер Звонимир Бобан доби пресуда во своја корист од италијанскиот Врховен суд, кој одлучи дека фудбалскиот клуб Милан незаконски го отпуштил.
Бобан го тужеше клубот поради отпуштање само по девет месеци откако беше назначен за спортски директор.
Првичната одлука на судот беше Милан да му исплати оштета од 5.375.000 евра, од кои 4.125.000 евра за материјална штета и 1.250.000 евра за нематеријална штета, со дополнителни камати и судски трошоци.
Клубот од „Сан Сиро“ поднесе жалба, по што долгот беше намален на 4,2 милиони евра.
Во моментот на конфликтот меѓу Бобан и управата на Милан, клубот го водеше Иван Газидис. Хрватскиот фудбалер во интервју зборуваше за шпекулациите околу смената на Паоло Малдини и Стефано Пиоли, а потоа доби отказ.