Европската фудбалска федерација УЕФА ја тресе „земјотрес“ откако потпретседателот Звонимир Бобан најави дека ќе си замине. Во изјава за хрватскиот Индекс, Бобан ги откри причините за заминување од УЕФА, каде што му беше „десна рака“ на претседателот Александер Чеферин.
Словенецот е актуелен претседател на УЕФА откако дојде на местото на Мишел Платини и сега го има третиот мандат на чело на Европската фудбалска куќа. Според правилата, максимално претседателскиот мадат може да трае три избори, а Чеферин сака повторно да се кандидира, нешто што засега не го дозволува статутот.
„Разговарав со претседателот на УЕФА за проблемите кои се случија на последниот состанок на Извршниот одбор во Хамбург околу измените на статутот. Изразив голема загриженост и воопшто не се согласував со предлогот на претседателот, но тој рече дека не постои никаква правна, ниту морално-етичка пречка. Главните две точки во реформите кои ги имавме беа дека претседателот и членовите на Извршниот одбор не може да се кандидираат повеќе од трипати, како и тоа да биде воведена старосна граница и членовите на Извршниот одбор да не може да бидат луѓе постари од 70 години. Тоа беше епохална работа за фудбалот, а Чеферин доби почитување од целиот фудбалски свет“, рече Бобан во објаснувањето и причините за заминувањето од УЕФА.