Македонскиот репрезентативен голман Столе Димитриевски од Рајо Ваљекано ова лето направи трансфер во Валенсија. Но, можеби и нема да остане на „Местаља“, туку ќе си побара друга средина. Ова го тврди гуруто за трансфери, новинарот Фабрицио Романо.
Столе Димитриевски дојде во Валенсија со намера да биде прв голман и да го наследи Ѓорги Мамардашвили, грузискиот голман кој имаше одлични настапи на Европското првенство. Тој имаше неколку понуди од големи европски клубови и се претпоставуваше дека сигурно ќе замине од Валенсија. Меѓутоа, засега неговиот трансфер не се реализира.
Доколку се случи Мамардашвили да остане во Валенсија, тогаш Столе Димитриевски би можело да си замине, претпоставува Фабрицио Романо. Во договорот на македонскиот репрезентативец има отштетна клаузула од 3 милиони евра, која може да се активира до последниот момент на овој летен преоден рок, во случај Мамардашвили да остане член на Валенсија.