Ѓока ја знае разликата меѓу Шкендија и Тотенхем: Фудбалот е интересен кога има изненадувања

Шкендија утре ќе игра голем меч, еден од најважните во историјата на клубот, против англискиот гигант Тотенхем, а во клубот знаат дека се аутсајдери, но и велат дека ќе се обидат да му се спротивстават на фаворитот.

„Знаеме кој е Тотенхем и свесни сме дека има голема разлика меѓу двата клуба, но фудбалот затоа и е интересен, бидејќи често има и изненадувања. Ние ќе го дадеме максимумот на терен, а дали тоа ќе биде доволно за подвиг, ќе видиме.

И досега направивме многу, а дуел против клуб од рангот на Тотенхем и тренер од калибарот на Жозе Мурињо е како подарок за нас. Се надевам дека ќе го искористиме со добра фудбалска претстава“, изјави Ернест Ѓока, тренерот на Шкендија.

Еден од клучните играчи на Шкендија утре во Скопје од 20 часот ќе биде репрезентативецот Егзон Бејтулаи. Тој и останатите дефанзивци на тетовци ќе се обидат да го сопрат опасниот напад на Тотенхем предводен од Хари Кејн.

„Тотенхем е голем фаворит, но ние нема да се предадеме. Нормално е да се обидеме да ги изненадиме. Досега Кејн сум го гледал само на телевизија, а утре ќе се обидеме со соиграчите и достојно да му се спротивставиме и нему и на неговите соиграчи. Сум играл доста силни натпревари со Шкендија и со репрезентацијата на Македонија, така што не се плашам од ништо, иако ги респектирам гостите од Лондон“, вели дефанзивецот на Шкендија.

Се игра само еден меч за пласман во финалето во квалификациите за настап во Лигата на Европа, а подвиг на Шкендија ќе значи двомеч против Ростов или со Макаби Хаифа во последна фаза пред настап во реномираното натпреварување.

 

- Оглас -

Најнови вести