Селекторот на македонската кошаркарска репрезентација Александар Тодоров не беше незадоволен од крајниот резултат на средбата со Италија. Иако Македонија загуби со 92:84, за Тодоров најважно е што овој тим покажа едно сосема поинакво лице во однос на ланскиот февруарски дел од квалификациите за ЕП.
„Покажавме дека можеме да играме против тим кој е прв на ранкингот на ФИБА во моментов. Успеавме не само да бидеме рамноправни туку и да водиме повеќе од 18 минути од мечот. Покажавме тотално поинакво лице во однос на натпреварите лани.
Ова е група која како тим има светла иднина и група на која сум исклучително горд. Ни претстојат уште три натпревари кои ќе бидат многу тешки, но на крајот најверојатно сè ќе се сведе на мечот со Естонија в понеделник“.
Тодоров вели дека Димитријевиќ и Вајли би можеле да бидат сериозен тандем, особено што „потекнуваат“ од АЦБ-лигата, макар биле во различни клубови во овој момент.
„Лесно е кога имаш такви кошаркари. Двајцата знаат да играат кошарка и нема проблем да се поврзат заедно. Добро е што имаме уште два меча пред дуелот со Естонија, така што ќе имаат доволно време да се воиграат, додаде Тодоров.
Прес-конференцијата по средбата со Италија на која говореа Александар Тдоров и дебитантот во нашиот тим Џејкоб Вајли може да се погледне на следниот ЛИНК