Баерн Минхен се намачи, но на крајот победи со 3:2 против Келн во првиот меч што германскиот гигант го одигра на својата „Алијанц арена“. И покрај триумфот, навивачите на Баерн на овој меч го исвиркаа Лерој Сане. Германскиот репрезентативец, кој во 2020 година се пресели во Баерн Минхен, не игра на посакуваното ниво, но и покрај тоа, тренерот Јулијан Нагелсман застана во одбрана на својот играч и ги искара навивачите кои не даваат поддршка.
Според Нагелсман, ниту еден фудбалер на Баерн не треба да биде изложен на свирежи од нивните навивачи, а и фановите треба да сфатат дека секој може да згреши.
„Многу луѓе кои доаѓаат на стадионите исто така прават грешки кога се на работа, па Лерој не им оди таму и не им свири и не им негодува кога ќе згрешат. Свирежите не може да донесат ништо добро“, вели Нагелсман.
Баерн Минхен за доведувањето на Сане плати 45 милиони евра на Манчестер сити, но репрезентативецот не е во формата во којашто беше додека ги бранеше боите на Граѓаните.