Доби фотографија од „милион долари“ на „Олд Трафорд“, а сега верува во добитен хуманитарен тикет

Култниот стадион „Олд Трафорд“ е местото каде што се одиграни безброј неверојатни мечеви. Еден таков беше пред две недели, кога Манчестер јунајтед направи пресврт и по негативата од 0:2 на полувреме, стигна до триумф од 3:2 против Аталанта.

Голот за победа на Манчестер го постигна Кристијано Роналдо што предизвика делириум на трибините. Меѓу 70-тина илјади фанови на Јунајтед, еден беше посебно впечатлив. Со македонското знаме со сонцето од Кутлеш во рацете се радуваше Александар Зелениковски.

Камерите и фотографите беа фокусирани токму на емоциите на Македонецот кој специјално од Скопје отпатувал во Манчестер за да го бодри својот омилен тим. Верниот навивач на Манчестер се врати во Скопје и прифати да биде дел од акцијата за составување на хуманитарен тикет со Sport Life.

НЕ СЕ ОПИШУВА ТОА ЧУВСТВО КОГА СИ НА „ОЛД ТРАФОРД“

„Бев пресреќен кога Роналдо го постигна голот за 3:2. Емоциите ме обземаа и се радував, но не ни бев свесен дека сум во фокусот на телевизискиот пренос. Дури кога излегов од стадионот, почнаа да ми пристигнуваат многу пораки дека ме виделе на стадионот, дека знамето блеснало на ‘Олд Трафорд’. Еден од главните навивачи на Манчестер ми испрати порака за тоа колку среќа сум имал затоа што сум се нашол во вистинско време на вистинско место. Не знаев за што се работи, а потоа ја видов и фотографијата на која јас сум помеѓу Роналдо и Фернандеш. Тоа е специјален момент за мене“, ја почна својата приказна Зелениковски.

ЕРИК КАНТОНА И АТМОСФЕРАТА ШТО ГО ПОТСЕТИЛА КАКО НА ТРИБИНИТЕ ВО „ЈАНЕ САНДАНСКИ“ СЕ НАЈВИНОВНИ ШТО ГО ЗАСАКАЛ МАНЧЕСТЕР Ј.

Александар додека бил дете, гледајќи фудбал на телевизија, посебен впечаток му оставила атмосферата на „Олд Трафорд“, но и тогашната ѕвезда која играше во дресот на Манчестер јунајтед, Французинот Ерик Кантона.

„Уште како дете со мојот татко гледавме фудбал на телевизија. На еден од натпреварите, додека ги покажуваа фудбалерите, забележав еден лик како со крената крагна застанал гордо. Мечот почна, тој фудбалер кој се вика Ерик Кантона постигна гол, а навивачите на трибините беа во делириум, што многу ме потсети на делириумот што го правевме кога ние бевме на трибините бодрејќи го МЗТ Скопје Аеродром. Од тој момент го засакав и Манчестер јунајтед“, открива Зелениковски.

Како голем спортски фан, Зелениковски знаел дека ќе дојде денот кога ќе го гледа Манчестер во живо. Тоа се случило во Романија, на меч од Лигата на шампиони, а од тој момент досега има над 20 средби на кои од трибините го бодрел својот омилен тим.

„За првпат Манчестер во живо го гледав во Букурешт, на дуел од Лигата на шампиони против Оцелул. Вејн Руни ги постигна двата гола за победа. Тогаш, едноставно, започна приказната наречена Манчестер јунајтед која уште трае. Во Англија првпат заминав да го гледам дуелот против Кроули таун во Купот, а потоа и на градското дерби против Манчестер сити. Повеќе од 10 меча сум гледал во Англија, а на гостување Манчестер сум го бодрел во Лондон, Букурешт, Базел, Волфсбург, Белград, Ајндховен…“, вели популарниот Зелен, кој веќе има план и за следно патување во Англија, а тоа треба да биде во Лондон, кога Манчестер ќе гостува кај Челзи на крајот од овој месец.

ЈА ВКУСИЛ И ТРЕВАТА ОД „ОЛД ТРАФОРД“, ДЕЛ ОД НАВИВАЧИТЕ ВЕЌЕ МУ СЕ КАКО ДЕЛ ОД СЕМЕЈСТВОТО

Зелениковски најчесто сам патува во Англија, но таму никогаш не е сам. Има цела група навивачи кои го чекаат и прават таму да се чувствува како да е дел од нивните семејства. Му имаат направено и специјално знаме во чест на навивачите од Македонија, а во еден летниковец, на македонски јазик го пречекуваат со натписот „Македонска кафана“.

„Патот до Манчестер е долг. Честопати се случува по неколку часа да седам сам по аеродромите и тогаш ми доаѓа да се запрашам дали ја правам вистинската работа. Тоа трае сè до моментот кога ќе пристигнам во Манчестер. Таму имам голем број пријатели кои ме пречекуваат како да сум дел од нивните семејства. Секогаш имам и сместување, не ми дозволуваат да одам во хотел. Последниов пат бев кај Џеф и Клер, со кои отидов и на риболов. Тука се и Мик Грум и Шеин Блак, кои едноставно сè би дале за Манчестер јунајтед“, вели Александар, кој откри и една анегдота од времето кога првпат стапнал на легендарниот стадион во Манчестер.

„Првпат кога отидов на Олд Трафорд, кога се симнав покрај теренот, веднаш тргнав кон тревата и искинав еден мал дел, кој го вкусив. Човекот кој ја водеше турата околу стадионот ме погледна и веднаш искоментира дека илјадници навивачи секој ден поминуваат на стадионот, но тој не видел нешто такво како што јас направив“, открива најголемиот навивач на Манчестер јунајтед од Македонија.

Но, не е само тој што патува во Манчестер. Неколку пати во Скопје бил домаќин на англиските фанови, а дел од нив му биле гости и на свадбата, каде што се случила една интересна ситуација.

„Кога беше мојата свадба, додека бевме во црква чекајќи да се венчам, кумот ми задоцни. Тогаш еден од моите пријатели од Манчестер ја презеде улогата на кум и тој ме венчаваше во црквата“, низ шега се потсетува популарниот Зелен.

НА СТАДИОНОТ ЕДНОСТАВНО НИКОЈ НЕ СМЕЕ ДА НЕГОДУВА ПРОТИВ МАНЧЕСТЕР ДУРИ И КОГА ИГРААТ ЛОШО

На последниот меч на кој Александар беше на „Олд Трафорд“, Манчестер јунајтед доживеа дебакл од Ливерпул и загуби со 0:5. Тоа е најголем пораз на свој терен во дуелите со најголемиот ривал. Голем дел од навивачите на тој меч решија да го напуштат стадионот кога Ливерпул го постигна петиот гол на почетокот на второто полувреме. Зелениковски објаснува зошто во Англија навивачите така ги напуштаат трибините.

„Има непишано правило дека навивачите на Манчестер јунајтед не треба да негодуваат дури и кога екипата игра слабо. Ретко кога може да се слушне „уа“ од трибините. Ако негодуваат поради играта, тие едноставно си заминуваат од трибините, но никако не навиваат и не ги навредуваат своите миленици. Така беше и против Ливерпул“, објаснува македонскиот фан, кој стана екстра популарен по неговото последно патување во Англија.

Што се однесува до обложувањето, Зелениковски вели дека знае да одигра тикет од забава, а доколку успее да го погоди хуманитариот тикет, парите ќе бидат наменети за тие на коишто им се најпотребни, а тоа е на загрозените деца.

 

- Оглас -

Најнови вести