Лондонската голеада за Баерн, победи за фаворитите, Ѕвезда го доби братското дерби (видео)

Баерн Минхен од Лондон заминува со убедливиот триумф над Тотенхем со 7-2 и го задржа максималниот учинок по две кола во групната фаза на ЛШ. Овој дуел воедно значеше и дерби на вечерта, двете екипи сосема го оправдаа тоа и приредија супер интересна голеада.

Уште во првите 15 минути се тресеа мрежите на двете страни, Сон донесе предност за Тотенхем, која Кимих ја анулираше само три минути подоцна. Левандовски ја продолжи брилијантната голгетерска низа оваа сезона и го запиша 13-тиот погодок во сите натпреварувања, со кој Баерн го имаше резултатот (2-1) во своја корист по првото полувреме.

Високото темпо на Баварците придонесе со два брзи гола до 55-тата минута во режија на двојниот стрелец Гнабри, додека Кејн во 61-вата минута намали на 4-2, пред Гнабри да го оствари хет-трикот за Баерн во 83-тата минута, Левандовски реши за крај да се запише како двоен стрелец, но сепак последниот збор уште еднаш го имаше Гнабри со четвртиот негов погодок на средбата.

https://twitter.com/DONSPORTS2/status/1179134571306192896

https://twitter.com/DONSPORTS2/status/1179135412759138304

Вториот дуел од групата Б, меѓу Црвена ѕвезда и Олимпијакос, го добија белградските Црвено-бели со конечни 3-1. Братските клубови беа блиску до поделба на бодовите на „Рајко Митиќ“, Вулиќ во 63-тата минута го донесе израмнувањето за Црвено-белите, откако грчкиот состав преку Семедо поведе во првиот дел. За комплетниот пресврт прво погоди Милуновиќ во 87-мата минута, а потоа Боачи во 90-тата минута ја осигури првата победа за Ѕвезда во групната фаза.

Македонскиот репрезентативец Аријан Адеми и неговиот Динамо Загреб претрпеa пораз од Манчестер сити на „Етихад“ со конечни 2-0. Модрите добро му се држеа на англискиот првак сè до влегувањето на Рахим Стерлинг во игра во 55-тата минута, кому му требаа само 10 минути да ја затресе мрежата на гостите од Хрватска, a дури во судиското надополнување Сити ги осигури бодовите со помош на младиот Фоден.

Јувентус немаше проблеми против Баер Леверкузен, па Роналдо, Игуаин и Бернардески ја донесоа првата победа за Старата дама при конечни 3-0. Со идентичен резултат славеше Атлетико Мадрид на гости кај Локомотив Москва, додека за ПСЖ беа доволни минималните 1-0 на гостувањето во Истанбул против Галатасарај.

- Оглас -

Најнови вести