Ѓоковиќ ужива во својата последна недела како прв на АТП-листата

Српскиот тенисер Новак Ѓоковиќ е лидер на најновата АТП-листа која е објавена денеска, но веќе в понеделник, на 4 ноември, тој врвот ќе му го препушти на Шпанецот Рафаел Надал.

Во моментов, Ноле му бега на Рафа за 320 поени, но неделава се игра Мастерсот во Париз, на којшто Ѓоковиќ брани 600 бода бидејќи лани беше финалист. На 4 ноември ќе се брише учинокот од ланскиот Мастерс, како и поените на Мастерсот од Лондон 2018. Па, Ѓоковиќ ќе остане без 1.600 поени. Дури и да го освои турнирот во Париз, би освоил 1.000 бода, што нема да биде доволно. Надал не губи ништо бидејќи лани не играше на тие турнири.

За Ѓоковиќ, оваа недела е 275-та како лидер на светската ранг-листа на најдобри тенисери. Тој две недели ќе биде втор зад Надал, а потоа може да се врати на тронот доколку на завршниот Мастерс освои доволно бодови. Нема да биде лесно бидејќи и Надал ќе игра во Лондон, а и Шпанецот е во добра форма.

ФЕДЕРЕР ГО ОТКАЖА НАСТАПОТ ВО ПАРИЗ

Патот до финалето на Мастерсот во Париз, за Надал ќе биде олеснет, бидејќи нема да има евентуално полуфинале со легендата Роџер Федерер. По освојувањето на турнирот во родниот Базел, Швајцарецот реши да одмори, а на љубителите на тенисот во Париз им порача дека ќе се видат догодина на „Ролан Гарос“.

- Оглас -

Најнови вести