Марсело имал панични напади пред финалето против Ливерпул

Ѕвездата на Реал Мадрид, бразилскиот бек Марсело, во интервју за американскиот спортски медиум „Плејерс трибјун“ откри дека имал панични напади во пресрет на финалето од ЛШ против Ливерпул во 2018 година. Марсело иако претходно во три наврати го крена трофејот со „големите уши“, чувствувал притисок бидејќи неговата екипа се бореше за историска трета титула во низа во најелитното меѓународно натпреварување, а нервозата кај него преовладувала сè до самиот почеток на мечот.

„Чувстував како нешто да ми застана во градите. Ме надвладеа огромен притисок иако се обидував да не паничам. Знам дека е нормално да се има трема пред важен натпревар, но ова беше многу повеќе. На момент се почувствував како да се гушам. А, сè почна ден пред финалето. Не можев да спијам, ниту да јадам. Размислував само за мечот, за фактот дека можеме да го освоиме трофејот трипати по ред, да оствариме нешто што досега не се видело во фудбалот. Си помислив и да разговарам со стучно лице, но се плашев дека нема да ми дозволи да играм. Тотално полудев, дури и кога излегов на теренот мислев дека ќе умрам од нервоза, но кога ја видов топката на средина, сите лоши мисли исчезнаа“, вели Марсело.

Како што е веќе познато, Реал Мадрид славеше со 3-1 против Ливерпул во меч кој ќе се памети по киксот на голманот Кариус, но и фантастичните ножички на Герет Бејл, по што Кралевите ја освоија рекордната 13-та титула во Лигата на шампионите.

- Оглас -

Најнови вести