Антонио Кандрева ќе биде еден од адутите на Интер вечерва, на „Сигнал Идуна парк“, или многу попознат како „Вестфален“, на дуелот против Борусија во Лигата на шампионите.
Одличниот 32-годишен играч за врска раскажа интересна приказна на официјалната прес-конференција од пред 13 години.
„Во 2006 година бев како турист во Дортмунд и на овој стадион го гледав мечот меѓу Германија и Италија. Тогаш имав само 18 години и бев горд на победата на мојата репрезентација во полуфиналето на Светското првенство. Тоа беше уникатно искуство за мене и бев горд што сум Италијанец. Се надевам дека сега и како фудбалер ќе го почуствувам вкусот на победата“, изјави Кандрева.
Италија ја освои и титулата со победа на пенали во Берлин против Франција, а Интер ако успее да слави вечерва од 21 часот во Дортмунд, ќе биде многу блиску до нокаут-фазата во Лигата на шампионите.
Пред две седмици во Милано, Нераѕурите славеа со 2:0 и имаат 4 бода, колку што е салдото и на Борусија по три кола. Во групата Ф лидер е Барселона со 7 бодови, а последна е Славија Прага само со еден бод.