Кристијано Роналдо одигра уште еден меч за паметење во убедливата победа на Португалија од 6:0 против Литванија. Капитенот на актуелниот европски првак постигна хет-трик, а Португалија сега ќе мора да победи и на последниот меч од квалификациите на гостувањето кај Луксембург за да биде сигурен учесник на завршницата на Европското првенство следната година.
Неверојатен е фактот дека Роналдо во кариерата стигна до 55 хет-трика, а од синоќа е чекор поблиску и до тоа да стане само вториот играч кој ќе стигне до 100 голови во репрезентативната кариера. Кристијано досега има постигнато 98 гола за Португалија и е на второто место на вечната листа на репрезентативни стрелци. Повеќе голови од него за национална селекција има постигнато само легендарниот напаѓач на Иран, Али Даеи, кој го држи светскиот рекорд со 109 голови.
Иако само пред неколку денови Роналдо додека играше за Јувентус, беше изваден од игра во 55-тата минута, селекторот на Португалија, Фернардо Сантош вели дека во ниту еден момент не се сомневал во физичката подготвеност на капитенот.
„Ништо не може да ме изненади од Кристијано Роналдо. Тој е најдобар фудбалер во светот. Воопшто немав дилема околу неговата физичка подготвеност и затоа играше, а на терен покажа што значи неговото присуство во националниот тим“, рече Сантош по синоќешната убедлива победа.