Со хет-трикот против Литванија, Кристијано Роналдо продолжи уште една неверојатна низа во кариерата. Португалецот веќе 13 години по ред ја надминува бројката од најмалку 30 погодоци во една календарска година. Со трите погодоци против Литванија, Роналдо во 2019 година веќе има 32 голови во националниот дрес или клупските мечеви на Јувентус.
Низата од најмалку 30 голови во годината Роналдо ја започна во 2007 година, кога постигна 34 голови. Во 2008 година даде 35 голови, а 2009 година му беше најкритична бидејќи заврши точно со 30 погодоци. Потоа следуваа 48 голови во 2010 година, 60 во 2011, 63 во 2012, 69 во 2013, 61 во 2014, 57 во 2015, 55 во 2016, 53 во 2017 и 49 гола во 2018 година.
До крајот на 2019 година, Роналдо може да одигра уште девет средби, што значи дека може да ја брка и бројката од 40 голови во оваа календарска година.