Селекторот на Романија, Козмин Контра, не можеше да го прифати убедливиот пораз од 5:0 на гости кај Шпанија и поради тоа си поднесе оставка. До пред една недела, Романија имаше шанси за пласман на ЕП 2020, но по поразите од Шведска (0:2) и Шпанија (5:0), Контра реши дека е време да си замине.
„Не ја исполнив својата цел и затоа си заминувам од репрезентацијата. Им се извинувам на навивачите затоа што не успеав да направим подобри резултати“, рече Контра во образложението за своето заминување.
Романија не се пласираше на ЕП 2020 преку квалификациите, но шансите ги задржува преку баражот во Лигата на нациите. Како можен наследник на Контра се споменува Ѓорѓе Хаџи или Дан Петреску.
Интересно е што по синоќешниот меч на Шпанија и Романија, отказ доби и предводникот на Црвената фурија, Роберт Морено. Тој мораше да си замине поради тоа што на кормилото на репрезентацијата се врати Луис Енрике.