Наполи денес треба да го претстави новиот тренер, Анчелоти веќе бара работа во Англија

Наполи обезбеди место меѓу најдобрите 16 екипи во Лигата на шампионите откако убедливо со 4:0 го победи Генк, но сепак тоа не беше доволно за тренерот Карло Анчелоти да се спаси од отказ. Реномираниот стратег доцна синоќа доби раскинување на договорот, а причина за тоа беше серијата од девет меча без победа, по која Наполи речиси е без шанса во трката за титулата во Серија А.

Иако не поминаа ни 10 часа од отказот на Анчелоти, веќе се шпекулира дека Наполи уште денеска ќе го претстави наследникот на Анчелоти. Тоа треба да биде Џенаро Гатузо. Легендарниот фудбалер на Милан на крајот од минатата сезона си замина од клупата на Росонерите и е без работа.

Пишувањата во италијанските медиуми се дека Гатузо ќе потпише договор во јуни 2021 година. Во следните шест месеци би требало да заработи 1,5 милиони евра, додека годишниот договор потоа би му изнесувал три милиони евра. Освен во Милан, Гатузо како тренер има работено и во Палермо, Сион, Пиза и ОФИ Крит.

Освен што во Наполи биле подготвени за смена на тренерот и имале опција за негова замена, се чини дека и Анчелоти нема долго да биде без работа. Веднаш започнаа шпекулации дека Карло повторно ќе се врати во англиската Премиер лига. Како главни фаворити за доведување на Анчелоти сега се споменуваат Арсенал и Евертон, двата клуба кои моментно се без менаџер.

 

- Оглас -

Најнови вести