Репрезентацијата на Холандија го приреди најголемото изненадување на Светското ракометно првенство за жени откако успеа со 33:32 да ја победи Русија и да се пласира во финалето. Русија имаше осум победи во низа на Мундијалот и беше единствена со перфектен биланс, но кога најмногу требаше, во полуфиналето, загуби од Холандија, која претходно имаше претрпено три порази на планетарниот собир.
Ниту една од репрезентациите немаше поголема предност од два гола и беше јасно дека мечот ќе се решава во самиот финиш. Холандија губеше со 26:25, а потоа со два гола во низа стигна до 27:26. До крајот на мечот, Лалињата водеа со по еден гол, а Русинките израмнуваа. На крајот Холандија даде гол за 33:32 и неочекувано финале.
Во вториот полуфинален дуел немаше толкава драма, но и тука имаше изненадување. Норвешка ја имаше фаворитската улога, но на крајот Шпанија победи, и тоа лесно со 28:22. По првите 30 минути беше нерешено (13:13), а потоа следуваше фуриозно второ полувреме на Шпанија за голема победа од шест разлика.