Со Солскјер на чело, Манчестер ако не добие пенал, не знае како да победи

Само со 25 бодови по 18 одиграни меча, Манчестер јунајтед ја има најслабата сезона во последните 30-тина години во англиското првенство. Црвените ѓаволи вчера беа понижени откако загубија на гости кај последнопласираниот Ватфорд. За Ватфорд ова беше прва победа на свој терен по пауза од цели осум месеци, а тимот остана на дното од премиерлигашката табела.

Изгледаше дека Манчестер јунајтед ја подигна формата по победите над Манчестер сити и Тотенхем, но поразот од Ватфорд е доказ дека гигантот од „Олд Трафорд“ уште се мачи. Оле Гунар Солскјер прослави една година откако дојде на чело на Црвените ѓаволи, но тимот има дури и помалку бодови од лани што имаше кога Жозе Мурињо доби отказ.

Неверојатен е податокот дека со Солскјер на клупата, Манчестер како да не знае да победи ако не биде досуден пенал во негова корист. Норвешкиот стратег досега го предводи тимот на 26 меча во Премиер лигата, а Манчестер има победено само двапати во мечеви на кои немало досудено пенал за нив.

Тоа се случило пред крајот на минатата сезона, во победата над Вотфорд, а сезонава единствената победа без да добијат пенал им е против Брајтон, што претставува само седум отсто од мечевите.

Освен што се очајни во реализацијата и мора да добијат пенал за да победат, Манчестер на својот гол го имаат и најголемиот киксер. Од почетокот на минатата сезона до сезонава, Давид де Хеа има примено шест голови по негови катастрофални грешки. Вчера против Вотфорд се истакна со една таква грешка, а реакцијата на Жозе Мурињо и Гери Невил кога го видоа тоа беше бесценета.

 

 

- Оглас -

Најнови вести