Манчестер јунајтед синоќа загуби на гостувањето кај Арсенал и покажа дека нема тим кој може да се бори за висок пласман сезонава. Црвените ѓаволи имаа големи проблеми со организацијата на играта во средниот ред. Поради повреда го немаше Скот Мектомини, кој се повреди и се очекуваше на негово место во тимот да се појави Пол Погба.
Сепак, Погба не само што не играше, туку воопшто не ни отпатува за Лондон, а официјално причина за тоа е повредата на глуждот на ногата. Францускиот репрезентативец сезонава одигра само пет меча по 90 минути, а пропушти 12 средби поради повредата на глуждот на ногата. Речиси по три и пол месеци пауза, Погба повторно се врати на теренот и најпрво одигра 26 минути против Вотфорд, а потоа едно полувреме во дуелот со Њукасл, а потоа сепак повоторно го снема од составот на средбата против Барнли и синоќа против Арсенал.
Оле Гунар Солскјер, тренерот на Манчестер јунајтед, вели дека Погба повторно се жали на повреда на глуждот и дека ќе му треба нова пауза, во која може да оди и на операција.
„Пол сигурно ќе биде надвор од теренот уште неколку недели. Има проблеми со глуждот на ногата. Му советувавме дека најдобро за него ќе биде да замине на операција и веројатно тој тоа и ќе го направи“, откри Солскјер.
Во изминативе неколку месеци постојано се шпекулира дека Погба ќе си замине од „Олд Трафорд“, и тоа во зимскиот преоден рок, но челниците на англискиот гигант ги демантираат ваквите најави.
Манчестер јунајтед в сабота гостува кај Вулверхемптон во меч од ФА купот, а во тимот сигурно повторно ќе го нема Погба.