Македонија има голем проблем на првите мечеви на ЕП, дали ќе успееме да го надминеме?

Дојде денот за почеток на ракометните возбудувања на Македонија. Нашата репрезентација вечерва во Виена го игра првиот меч од Европското првенство. За Македонија ова ќе биде вкупно шесто учество на ЕП, а петто во низа. Украина е противник по мерка, а очекувањата се дека нашите ракометари ќе се израдуваат на првата победа.

Сепак, има нешто што е против нашата селекција, а тоа е традицијата. Во досегашните пет континентални собири, Македонија само еднаш се радувала на првиот меч од турнирот.Тоа се случи пред две години во Загреб, кога беше победена Словенија со 25:24.

Со таа победа всушност се прекина лошата традиција, а сега се надеваме дека во Виена по вторпат ќе се радуваме на стартот од натпреварувањето.

Во 2016 година во Краков, нашите ракометари загубија од Франција со 30:23, а две години претходно немавме шанса против домаќинот Данска во Хернинг и бевме поразени со 29:21. На историското ЕП во Србија во 2012 година, Македонија не загуби, ама не ни победи. Во дуелот со Шведска одигравме 26:26 во Ниш. По добро не го памтиме ни првото ЕП во 1998 година, кога во Италија загубивме од Унгарија со 29:20.

Традицијата може не е на наша страна, но, секако, квалитетот е за Македонија во дуелот против Украина, па затоа и треба да веруваме дека вечерва може да очекуваме триумф.

 

- Оглас -

Најнови вести