Шпанија го одбрани европското ракометно злато откако во неделата, во финалето со 22:20 ја победи Хрватска. Дуелот личеше на вистинско финале, со многу борба и неизвесност до крајот. Според многумина, клучниот момент на финалето се случи на 70-тина секунди до крајот.
Шпанија водеше со 21:20, а Хрватска имаше напад да израмни. Сепак Коцкестите не успеаjа ниту да шутнат откако македонските судии Ѓорѓи Начевски и Славе Николов им ја одзедоа топката на Хрватите. Начевски, кој беше судија во теренот, досуди чекори на Игор Карачиќ. Во следниот напад, Алекс Душебаев даде гол за 22:20, што значеше крај на сите надежи дека Хрватска може да стигне до златото.
Начевски за Балкан-хендбал ја објаснува неговата храбра одлука, на која бил изненаден и неговиот партнер Николов, кој стоел покрај голот на Шпанија. „Што досуди?“, прашал Николов, а Начевски му возвратил: „Не се грижи, сигурен сум дека беа чекори“.
„Секако дека е тешко во еден таков момент да се донесе таква одлука затоа што не сакаш ти да бидеш тој што ќе го одлучиш финалето на ЕП во последната минута. Олеснителна работа ми беше тоа што во тој момент бев 100 отсто сигурен дека играчот направи барем шест чекори. Сепак, за тоа мора да одлучиш во дел од секундата“, објаснува Начевски за порталот Балкан-хендбал.
По таа одлука на македонските судии, селекторот на Хрватска, Лино Червар, побара тајмаут и со погрдни зборови ја искоментира одлуката на македонските судии, кои по финалето сепак добија само пофалби за делењето на правдата.
Siempre es buen momento para recordar cuando Igor Karacic decidió hacer el Camino de Santiago durante una final de un Europeo. pic.twitter.com/Pbphi3wavO
— Edu Agulló Canosa (@Eduagullo) January 27, 2020