Еден од најдобрите поентери во лигата бесен: Не ме почитуваат

Бредли Бил, ѕвездата на Вашингтон визардс, кој воедно е и најплатен играч на франшизата, отпадна од комбинација за Олстар-викендот, поточно за него немаше место меѓу резервите кои ќе ја претставуваат Источната конференција.

Бил е меѓу најефикасните играчи оваа сезона во НБА-лигата со просек од 28,6 поени по натпревар, учинок што го прави носител на Магионичарите, но сепак пред него шанса добија Џими Батлер, Крис Мидлтон, Бен Симонс, Домантас Сабонис, Џејсон Тејтум, Бем Адебајо и Кајл Лаури.

„Искрено да ви кажам, збеснав кога дознав дека нема да бидам дел од Олстар-натпреварот. Според мене, станува збор за непочитување. Знам кој сум и за што сум способен, очекував дека ќе добијам прилика да бидам дел од тој спектакл. Но, сега ми е важно само да продолжам со добрите партии и да му помогнам на тимот да обезбедиме плејоф“, истакна Бил.

Дваесет и шестгодишниот шутер на Визардс на овој начин стана играчот со највисок просек на поени во една сезона кој нема да игра на Олстар-мечот, што не се случило во изминативе 41 година.

- Оглас -

Најнови вести