Манчестер јунајтед ги оживеа шансите за пласман во топ 4 во Премиер лигата, односно се врати во трката за местото кое води во Лигата на шампионите со вчерашниот триумф од 2-0 на гостувањето кај Челзи. Марсијал и Мегваер ги донесоа бодовите за Црвените ѓаволи кои по третпат сезонава успеаја да го совладаат ривалот од Лондон.
ВАР имаше голема улога во мечот со тоа што поништи два погодока на домаќините, еден на Зума не важеше поради фаул во напад, додека Жиру за неколку сантиметри се најде во недозволена позиција. Но, најконтроверзната ситуација беше во 20-тата минута, кога при дуел меѓу Мегваер и Батшуаји во борба за посед на топката, Англичанецот при пад го удри противникот во препоните и избегна санкција.
Експертите го окарактеризираа овој потег како вреден за црвен картон, односно исклучување, меѓутоа судијата Ентони Тејлор не посегна по картон, а Мегваер по средбата се оправда. Инаку пред околу два месеца, за слична реакција Сон Хеунг-мин заработи црвен картон во дуелот меѓу Челзи и Тотенхем по сугестија од ВАР-собата, но овојпат арбитрите од собата не реагирааа.
„Знам дека ситуацијата на прв поглед се чини контроверзна, но мислев дека ќе падне врз мене и се обидов да се заштитам. На ТВ изгледаше како намерен удар, но тоа беше само природна реакција. Воопшто немав намера да го повредам“, истакна Мегваер по мечот.
Манчестер јунајтед со овој триумф застана на седмото место со 38 бода, три помалку од четвртопласираниот Челзи.