Најновото засилување на Барселона, Мартин Брајтвајт, нема да може да биде дел од мечевите во Лигата на шампионите, и тоа поради стриктните правила кои важат во натпреварувањата на УЕФА. Брајтвајт пред неколку дена пристигна на „Камп ноу“, како замена за повредените напаѓачи Суарес и Дембеле. Барселона доби посебна дозвола за да направи еден трансфер, а изборот падна на Брајтвајт, кој играше во Леганес.
Брајтвајт веќе дебитираше во дресот на Барселона и одигра одлични 20-тина минути во убедливата победа над Ејбар. Новиот играч успеа да асистира за четвртиот погодок на Лионел Меси, а потоа за малку ќе дадеше гол, но по одбиената топка на неговиот удар, Артур ја затресе мрежата на противникот.
Трансферот на данскиот репрезентативец беше направен по 1 февруари, односно по последниот рок кој УЕФА го има дадено за измена на составите во Лигата на шампиони. Без разлика што не смее да игра, Брајтвајт е во Неапол, а според тренерот Кике Сетјен, на тој начин новиот играч побрзо ќе се вклопи во новата средина.