Ракометните репрезентативци Борко Ристовски и Марко Мишевски се нови играчи на Вардар. Двајцата се согласија на соработка до крајот од сезоната, што е одлична вест за тренерот Стевче Алушовски, кој веќе подолго време има проблеми со ростерот.
И Борко и Марко во минатото го носеле црвено-црниот дрес, што значи дека се повратници во клубот. Искусниот Ристовски (37 години) бранеше за Вардар во периодот од 2001 до 2003 година, а потоа повторно се врати во клубот во периодот од 2010 до 2012 година. Во богатата кариера, Ристовски има настапувано за светски гиганти, како што се Рајна-Некар и Барселона, а последен клуб за којшто бранеше беше Бенфика во Португалија. Повеќе од една деценија е стандарден голман на македонската репрезентација.
Мишевски е бек кој само по неколку месеци поминати во дресот на Гренобл во Франција, реши да се врати во Вардар. Играчот кој е специјалист за одбрана потекнува од школата на Вардар, а може да се пофали дека беше дел од шампионскиот тим кој минатата сезона стигна до европската круна во Лигата на шампиони. Левиот бек лани играше и во СЕХА-лигата и заедно со екипата на Вардар го освои трофејот, а во јануари беше дел од репрезентацијата на Македонија што настапи на ЕП во Австрија.
Вардар во недела гостува кај Нексе на првиот четврт-финален натпревар од СЕХА-лигата, а потоа во втората половина од месецот треба да ги игра и двата натпревари од осминафиналето на ЛШ против ПИК Сегед.