Од што се плашат тренерите во Серија А? Да не ви дојдат Аталанта и Рома на гости, следува автоматска смена

Калјари го смени тренерот Роландо Маран по поразот од Рома со 3:4 на домашен терен, а со него си заминуваат и неговите помошници.

Клубот му се заблагодари на Маран, но серијата без победа од 12 меча беше предолга за да има можност за продолжување на соработката.

Интересно е што Рома сезонава со две победи на две гостувања иницираше смени на тренерите на противничките клубови.

Најпрво „падна“ Игор Тудор, стратегот на Удинезе, по домашниот пораз од Римската волчица со 1:3, а сега и Маран е сменет во Калјари.

Претходница на смената на Тудор беше дебаклот од Аталанта со 7:1, еден меч пред гостувањето на Рома во Удине. Тимот од Бергамо со уште една седмица иницираше индиректно или директно отказ за уште еден тренер во Серија А.

Валтер Мацари мораше да си замине од кормилото на Торино во финишот на јануари откако популарните Бикови го доживеаја највисокиот пораз од 0:7 на домашен терен во историјата на клубот со 7 титули во Калчото.

Сепак, една седмица на Аталанта мина и без смена на тренер, а иако му се тресе столчето на Фабио Ливерани во Лече, тој веројатно ќе го преживее дебаклот од 2:7 против Бергамашите што се случи викендов.

И за да биде сè во знакот на Аталанта и Рома, Римската волчица пред овој меч што беше зачинет со 9 голови го декласира Лече на домашен терен со 4:0, по што се вклучи и алармот кај клубот од областа Апулија.

 

- Оглас -

Најнови вести