Реванш-мечот од Лигата на шампионите меѓу Валенсија и Аталанта, односно осминафиналниот дуел Хетафе – Интер во Лигата на Европа ќе се играат пред празни трибини, одлучи Министерството за здравство во Шпанија. Ваквата одлука е донесена за да се избегне ширењето на Коронавирусот, кој сè почесто се појавува во европските земји, а најмногу е зафатена Италија.
Шпанија не е првата европска земја која презема мерки против опасниот вирус. Во Франција се забранети сите настани на кои би присуствувале повеќе од 5.000 лица, во Италија досега се одложија голем број натпревари, додека останатите исто така се играа пред празни трибини.
Швајцарија ги одложи сите натпреварувања и таму нема да се игра фудбал најмалку до 23 март. Вакви мерки презедоа и македонските власти, минатиот викенд спортските настани се играа без присуство на публика, со исклучок на ракометниот дуел меѓу Вардар и Монпелје од Лигата на шампионите.
Валенсија и Аталанта ќе ги одмерат силите на празната „Месталја“ на 10 март, додека Хетафе – Интер е закажан на 19 март.