Атлетико Мадрид и Милан остварија победи на денешните гостувања во Лигата на шампионите.
Шпанскиот тим со 0-6 ја декласира Спарта Прага и сега има девет бода по пет одиграни натпревари во елитното европско натпреварување.
Хулијан Алварес и Анхел Кореа беа двојни стрелци, а погодија и Маркос Љоренте и Антоан Гризман. Гризман и капитенот Коке на овој натпревар го прославија јубилејниот стоти настап во Лигата на шампионите.
Милан со малку повеќе мака дојде до три бода во Братислава победувајќи го Слован со 2-3.
Кристијан Пулишиќ во 21-вата минута донесе водство за Милан, но израмни Тигран Барсегјан само три минути подоцна.
Во вториот дел, Рафаел Леао повторно обезбеди предност за италијанскиот тим, а Тами Абрахам зголеми на 1-3 во 71-вата минута.
Слован Братислава постигна втор гол преку Нино Марсели во 88-мата минута, но потоа домашниот играч Толиќ доби црвен картон и му помогна на Милан да го заокружи триумфот.