За виното важи правилото дека колку е постаро, толку е поквалитетно. Ова слободно може да се каже и за капитенот на македонската фудбалска репрезентација Горан Пандев. Популарниот Гоче во јули ќе наполни 37 години, а уште блеска во италијанската Серија А. Фудбалерот кој пред две децении првпат се пресели во Италија, уште е актуелен и ги тресе мрежите на противниците.
Пандев вчера ја предводеше Џенова до победа на гости, и тоа на легендарниот стадион „Сан Сиро“ против Милан со 2:1. Нашиот капитен погоди уште во седмата минута и најави дека трите бода ќе заминат за гостите. За Пандев ова беше седми погодок сезонава, што е доволно да биде прв стрелец во тимот кој полека бега од зоната за испаѓање. Од овие седум погодоци, дури четири ги има постигнато во 2020 година, што само потврдува дека е во вистинска форма.
НА КЛУПСКО НИВО ГО ДОСТИГНА ВРВОТ, ШЛАГОТ ДА БИДЕ РАДОСТ СО МАКЕДОНИЈА
Токму Пандев треба да биде предводникот и на македонската репрезентација во најважниот дуел во историјата на фудбалската селекција. На 26 март во Скопје ќе гостува Косово во полуфиналето од плејофот на Лигата на нации за пласман на Европско првенство. Победа над Косово ќе ја одведе Македонија само на еден чекор од историски прв пласман на завршница на едно големо натпреварување.
Пандев во клупската кариера ги освои сите најзначајни трофеи. Беше првак на Италија, неколкупати го освојуваше Купот, се радувал во Суперкупот на земјата, стана и европски првак, а подоцна и светски клупски владетел како играч на Интер во 2010 година. Сега, една деценија подоцна, влогот е огромен за Пандев, но во репрезентативниот дрес. Играчот кој со 108 настапи и 34 голови е рекордер во двете категории на националната селекција, би имал фантастичен крај на репрезентативната кариера со настап на ЕП 2020.
СИТЕ БИЛЕТИ СЕ ПРОДАДЕНИ, НО СТАДИОНОТ МОЖЕ ДА БИДЕ И ПРАЗЕН
За тоа колку значаен е дуелот против Косово, говори и фактот дека билетите за овој меч уште од петокот ги нема. Сите билети за дуелот на 26 март на арената „Тодор Проески“ се распродадени. Досега никогаш претходно не се случило да нема билети за меч, и тоа 20-тина дена пред да се одигра.
Многумина имаат дилеми за тоа каде и како завршиле билетите. Како тоа токму за средбата против Косово сите билети да се распродадени на повеќе од две недели до почетокот на мечот. Кај некои постои страв дека гостински навивачи доаѓале и купувале билети, па се нагаѓа дека Косово би можело да има голема поддршка во Скопје.
Иако билетите се распродадени, постои неизвесноста дали мечот воопшто ќе се игра со публика или не. Причината не е од фудбалска природа, туку поради глобална закана. Смртоносниот Коронавирус речиси еден месец дивее низ Европа, а поради тоа, две недели трае препораката од Министерството за здравство сите спортски настани да се играат без присуство на публика. Поради опасниот вирус, затворени се сите стадиони и сали во земјата, а спортските настани се без публика.
ОВА Е ТОЈ МЕЧ НА КОЈ МОРА ДА СЕ ПОБЕДИ
Без разлика дали ќе има публика или ќе нема, македонската фудбалска репрезентација едноставно треба да знае дека ова е меч кој МОРА ДА СЕ ПОБЕДИ. Победата треба да биде за сите натпревари на националанта селекција во речиси тридецениската историја, за сите оние кои барем еднаш истрчале во националниот дрес, за сите оние кои барем еднаш навивале за Македонија. Косово не е репрезентација од која треба да се плашиме, иако секако овој национален состав заслужува целосен респект за тоа како играше во изминативе две-три години.
Македонија повеќе од 25 години чека историска радост. Победа над Косово ќе значи огромен чекор до историски успех затоа што дури потоа ќе следува и финалето на плејофот со подобриот од двомечот Грузија – Белорусија.
Македонија дефинитивно заслужува да навива за својата репрезентација на Европско првенство во фудбал како што тоа го правевме на контитнеталните собири во ракомет, кошарка, одбојка…