Биолошка бомба експлодира на „Сан Сиро“ и сега таа го убива нашиот град

Градоначалникот на Бергамо, Џорџо Гори, e уверен дека првиот меч од осминафиналето меѓу Аталанта и Валенсија во Лигата на шампионите е една од двете главни причини за масовното ширење на Коронавирусот во северниот дел од Италија.

„Тој меч беше како биолошка бомба која експлодира на стадионот и сега го убива нашиот град“, вели Гори во интервју дадено преку „Фејсбук“.

Бергамо сега го нарекуваат „европскиот Вухан“ и моментно е светски центар на пандемијата од Коронавирусот. Во Бергамо со недели се бројат иладници мртви како последица од опасниот вирус, а за неверојатно брзото ширење на болеста градоначалникот посочува два фактори.

„Мечот меѓу Аталанта и Валенсија се играше на 19 февруари, а првиот пациент во Италија е констатиран четири дена подоцна, и тоа во Ломбардија. Тоа значи дека вирусот циркулирал и дека таа вечер на стадионот во Милано биле заразени 40.000 луѓе. Но, тогаш никој од нас не бил свесен дека постои тој опасен вирус тука. На мечот во Милано заминаа речиси половина од населението од Бергамо, а останатите гледаа заедно собрани во друштва по рестораните и кафичите“, вели градоначалникот Гори, кој додава дека фудбалскиот меч не е единствена причина за брзото ширење на вирусот.

„Натпреварот не е единствениот виновник за ширењето на Коронавирусот. Епицентарот на болеста беше во болницата Алзано Ломбардо, каде што беше донесен болен човек со дотогаш непозната болест. Се мислеше дека се работи за запаление на белите дробови, а тој пациет ги зарази останатите пациенти, докторите, сестрите и сите кои биле во болницата. Тоа е главниот центар на заразата, но секако дека на второ место е мечот Аталанта – Валенсија“, заклучува првиот човек на Бергамо.

Првиот регистриран заболен од Коронавирусот во Бергамо беше новинарот Енрике Матео, кој се разболел токму по следење на дуелот Аталанта – Валенсија во Милано. За среќа, по 25 дена борба, Енрике успеа да оздрави, нешто што потоа не им успеа на илјадници други заразени во овој град и во тој регион.

 

- Оглас -

Најнови вести