Мечот Аталанта – Валенсија во Милано е „највиновен“ што Бергамо се претвора во „Град на мртовци“?

Во Италија уште владее хаотична ситуација поради пандемијата од Коронавирусот, а Ломбардија е регионот кој е центарот на жариштето. Доколку се зборува за градови, Бергамо, град кој има 120.000 жители, моментно е во најлоша ситуација, може да се рече и катастрофална.

Само синоќа со воен камион се однесени 60 ковчези на луѓе кои починале во Бергамо затоа што крематориумот и градските гробишта не може да се справат со големиот број жртви. Во Бергамо само во последните 24 часа починале 93 луѓе, а градскиот крематориум максимум може да работи со капацицет за 25 тела во еден ден. Вкупниот број починати само во Бергамо ја надмина бројката од 500.

Имунологот Франческо ле Фоче верува дека мечот меѓу Аталанта и Валенсија во 16-финалето од Лигата на шампионите е една од главните причини за толку брзото ширење на опасниот Коронавирус во Бергамо. Дуелот од ЛШ се играше на 19 февруари на „Сан Сиро“ во Милано затоа што стадионот во Бергамо не ги исполнува условите за натпревари од елитната лига на УЕФА.

За историскиот меч на Аталанта, од Бергамо во Милано отпатуваа околу 40.000 навивачи кои беа на стадионот во победата на нивниот омилен тим со 4:1 против Валенсија.

„Можно е да има неколку главни причини за толку брзо проширување на вирусот. Многу веројатно дека мечот меѓу Аталанта и Валенсија е една од причините. Тоа беше врв на колективна радост и еуфорија во најуспешната сезона на клубот. Од тој меч помина еден месец, така што терминот точно одговара. Собирањето на илјадници навивачи кои биле на неколку сантиметри еден од друг. Сите учествувале во славењето, а имало многу гушкање, пеење, бакнувања. Сето тоа придонело за ширење на вирусот. Претпоставувам дека многумина кои имале карти, не сакале да го пропуштат тој меч дури и да имале покачена температура. Гледано од оваа перспектива, лудост е да се игра тој меч со публика, но тогаш работите не биле толку јасни. Денес тоа би било незамисливо“, објаснува имунологот Франческо ле Фоче.

Аталанта потоа играше и возвратен меч против Валенсија на гости во Шпанија, а сега дури 35 отсто од луѓето во Валенсија се позитивни на Коронавирусот, што секако може да биде поврзано со гостувањето во Милано. Во тимот на Аталанта засега ниту еден играч не е заразен од опасниот вирус.

Во Примера дивисион, освен во Валенсија, заразени фудбалери има само уште во екипата на Алавес, а постои јасен сомнеж зошто е тоа така.

- Оглас -

Најнови вести