Манчестер јунајтед навива шпанската Ла Лига воопшто да не се доигра, а логиката е да се купи Саул Нигез за пониска цена.
Математиката на Црвените ѓаволи не е толку лоша, но на крајот по се изгледа ќе испадне неточна. Во Манчестер се надеваат дека Ла Лига ќе заврши без да се одигра сезоната и во тој случај Атлетико Мадрид не би играл во Лигата на шампионите, бидејќи се наоѓа на шестото место на табелата до прекинот на шампионатот.
Во таков случај популарните Јорганџии не би играле во Лигата на шампионите следната сезона, што е шанса да падне цената на Саул. Шпанскиот репрезентативец има откупна клаузула во договорот со Атлетико што тежи неверојатни 150 милиони евра.
Но, во случај мадриѓани да не се пласираат за ЛШ, тогаш најтрофејниот англиски клуб смета дека ќе може да го купи шпанскиот репрезентативец за само 75 милиони евра. Атлетико би бил принуден да продава играчи, ако не настапи во луксузната европска Лига на шампиони, за да одржи баланс во клупскиот буџет.
Но, против Јунајтед се три сценарија и тоа многу поверојатни од единственото што им одговара за да ја намалат цената на Саул.
Атлетико Мадрид веќе е четвртфиналист во Лигата на шампионите во оваа сезона и има шанси и за титулата, што би значело дека ќе има доволно приходи и да не мора да го продава одличниот играч од средината на теренот.
Малку е веројатно и дека Ла Лига нема да се доигра сезонава, иако Шпанија е една од најпогодените земји со Коронавирусот, а и последната можна варијанта не му одговара на 20-кратниот англиски првак.
Шпанските медиуми најавија дека УЕФА ќе му даде вајлд-карта на Атлетико за да игра во ЛШ и следната сезона, во случај Ла Лига да не продолжи сезонава и мадриѓани да завршат како шестопласирани.
Саул Нигез е стандарден шпански репрезентативец, има 25 години и за него се интересираат и неколку други европски гиганти. Договорот со Атлетико му истекува во 2026 година.