Шпанците сигурно ќе ја завршат сезоната 2019/20 со натпревари без присуство на публика, но и ќе ја почнат новата сезона на ист начин, вели претседателот на Ла Лига, Хавиер Тебас.
Првиот човек на Ла Лига имал разговор со сите претставници на клубовите од Првата и од Втората лига и им соопштил дека треба да се подготват за непосакуваното сценарио и за играње на таканаречените натпревари на духови, односно без публика до 2021 година.
Тоа би значело дека сезоната 2019/20 ако продолжи, ќе се игра пред празни трибини, а дел од таква атмосфера ќе ја зафати делумно и следната сезона.
„Се надеваме дека наскоро ќе има вакцина за ковид-19, но дотогаш треба да бидеме подготвени за сценарио што не го посакуваме, но веројатно е единственото можно за да се игра фудбал, а тоа е без присуство на публика. Клубовите треба да се подготват да останат без планираниот приход од влезници, што секако ќе влијае на нивните буџети“, изјави Тебас.
Меѓу другото, Тебас им препорачал на шпанските клубови да внимаваат при трансферите и да не се трошат пари за скапи засилувања барем во следниот преоден рок.