Во модерниот фудбал сè почесто се бараат високи, атлетски силни играчи кои ќе може на секој начин да се носат со противникот. Сепак, во фудбалот се паметат фудбалските виртуози кои не биле многу високи, но сепак се искачиле до светскиот врв во најважната споредна работа на светот.
Најпознати фудбалери кои се прилично пониски од просекот на фудбалерите, секако, се двајцата најдобри аргентински играчи, Диего Армандо Марадона и Лионел Меси. Марадона беше незадржлив со своите 165 сантиметри, а Меси иако е само 170 сантиметри, е единствен кој дури петпати бил освојувач на „Златната топка“.
Интересно е што Меси и Марадона се „џинови“ во споредба со најнискиот фудбалер на денешницата, а тоа е Елтон Хосе Хавиер Гомес, или скратено попознат само како Елтон. Бразилецот, кој е висок 154 сантиметри, го има приматот на најнизок фудбалер во светот, а неговата кариера трае веќе 16 години.
Елтон е креативец, играч од средниот ред кој има одлична техника. Започнал во Коринтијанс, каде што во тоа време во соблекувалната бил заедно и со Карлос Тевес и Жо. Недостатокот на висина, Елтон го надополнува со одличната техника и брзината, па во 2005 година се радува на шампионската титула во Бразил. Поради своите движења, брзо го добива и прекарот Елтон Марадоњина, токму по славниот Диего Армандо.
„Бев среќен поради тој прекар, немав никаков притисок поради тоа што така ме нарекоа“, вели Елтон, кој потоа имал кратка авантура во Европа.
Од Бразил се преселил во Европа, потпишувајќи за Стеауа во Романија. Иако за Стеауа одигра само осум меча, остави доволна трага, што покажува и фактот дека навивачите на романскиот тим го одбраа во тимот на декадата, во анкетата спроведена во 2009 година.
По авантурата во Стеауа, Елтон замина на Блискиот Исток, каде што стана вистинска ѕвезда. Во тимот на Ал Наср помина две сезони, а фановите започнале да прават и фризури како Бразилецот.
Најдобрите мечеви Елтон ги одигра во дресот на Ал-Фетех, каде што во 121 меч постигна 48 погодоци. Денеска тој има потпис со тимот на Ал-Вахда и сигурно навивачите на овој тим едвај чекаат повторно да има натпревари и да го гледаат „џебниот Марадона“ во дресот на нивниот омилен тим.