Шпанската Примера дивисион ќе продолжи и треба да го има својот финиш на фудбалскиот терен. Ова стана јасно откако премиерот на земјата, Педро Санчез, најави дека од 4 мај ќе може да започнат индивидуалните тренинзи на фудбалерите.
„Професионалните спортисти ќе може индивидуално да тренираат од 4 мај“, изјави премиерот на Шпанија, Санчез. Оваа одлука е донесена од Врховниот спортски совет во консултации со Министерството за здравство.
Планот е тренинзите да продолжат во помали групи од 18 мај, кога нема да смее да има повеќе од десетмина луѓе. Тимските тренинзи се планирани за 1 јуни, а веќе од 5 јуни се очекува да продолжат фудбалските возбудувања, и тоа зад затворени врати, односно без присуство на гледачи.
Доколку има некои поместувања на термините, првенството најдоцна треба да започне на 12 јуни со мечевите од 28-мото коло. По 27 одиграни кола, Барселона е лидер со 58 бодови, Реал Мадрид има 56, а Севилја е третопласирана со 47 бодови.