Мајк Тајсон е упорен во намерата да го популазира својот бизнис, а најдобар начин за тоа е преку фудбалот. Неговата компанија „Свисикс“ која произведува лекови на база на канабис, е меѓу кандидатите да биде спонзор на Евертон и името да стои на нивниот дрес.
Овој план го откри Алки Дејвид, британскиот милијардер и партнер на легендарниот боксер кој претходно истакна дека сака да ги откупи правата за името на „Камп ноу“, култниот стадион на Барселона.
„Не се откажуваме од планот за стадионот на Барселона, меѓутоа моментално приоритет ни е да го ставиме името на нашата компанија на дресот од Евертон. Од нивниот табор нè контактираа и ни испратија неколку скици од дресовите за следната сезона со логото на нашата фирма на предната страна, па сега ги разгледуваме опциите“, истакна Дејвид за англиските медиуми.
Доколку Евертон и „Свисикс“ постигнат договор, Карамелите ќе влезат во историјата како прв клуб од Премиер лигата кој соработува со компанија која произведува продукти на база на канабис.