Од утре сите на тренинг е убавата вест што на фудбалските клубови им ја соопшти вечерва шпанската Влада. Со тоа Шпанците ѝ се приклучија на Италија, чија власт денеска даде зелено светло за калчолигашите да се појават на тренинг на своите стадиони од утре, 4 мај.
Германците веќе тренираат, што е најава за подбро фудбалско утре и надеж дека фудбалските шампионати ширум Европа наскоро ќе продолжат за да ја завршат сезоната 2019/20.
Секако, властите во овие земји, но и здравствените авторитети потсетија дека треба да се почитуваат препораките и протоколите за тренинзи на отворено и да нема поголеми групи на фудбалери на терен од 4-5 играчи.
Италија и Шпанија планираат да продолжат со фудбал од јуни, таков е и планот на Англичаните, а најрано камбек на фудбалските терени треба да имаат Германците.
Беше планирано Бундеслигата да продолжи на 9 мај, сега се споменува како опција и 16 мај, а одлуката за точен датум кога ќе може да се тркала „бубамарата“ се чека од канцеларката Ангела Меркел и од Владата на Германија.
Од топ-5 лигите надеж нема само за Франција, каде што е прогласден мораториум за сите спортови до септември, па веќе е завршена Лига 1 и Пари Сен Жермен е промовиран во шампион на земјата.