Визата му истече, за Реал не заигра, сега собира отпад во Бразил

Луис Енрике дос Сантос е само една од многуте несреќни фудбалски приказни што биле на момент од исполнување на сонот и настап за голем клуб, но сега едвај преживуваат.

Момчето што сега има 22 години собира отпад во Бразил, а пред 8 лета тренираше во кампот на Реал Мадрид, Валдебебас, но поради административни проблеми не успеа да остане во редовите на најтрофејниот европски клуб.

„Пристигнав во Мадрид на покана на Реал Мадрид и требаше да останам еден месец за да играм натпревари и да го потврдам талентот, но испаднаа административни проблеми. Само ми кажаа дека треба да се вратам дома. Сега работам во отпад, но не се откажувам. Се уште сум млад и чекам нова шанса“, вели Дос Сантос.

Младиот Бразилец беше на проба и во Бетис, а на интересен начин за неговиот талент дознале најпрво клубовите во Бразил.

„Еден бразилски бизнисмен ги виде објавите на Јутјуб што ги постораше татко ми и ме покани на проба во Оле Бразил, каде што останав неколку години. Тогаш имав девет години, а потоа стигнав и до Академијата на Крузеиро“, раскажува Бразилецот што немаше среќа да си го исполни сонот и да игра за голем клуб.

- Оглас -

Најнови вести