Поради пандемијата со корона-вирусот, неколку првенства се откажани. Таков пример е француската Лига 1, каде што се донесе одлука дека нема услови да се доигра сезоната, па ПСЖ е прогласен за старонов шампион. Од топ 5 лигите во Европа најбрзо ќе се врати Бундеслигата, на 15 мај, Серија А треба да почне во почетокот на јуни, додека во Шпанија и Англија уште нема конкретна одлука кога и како ќе се одвива рестартот на сезоната.
Во евентуално сценарио Ла Лига да се откаже од продолжување на сезоната и ако се земе примерот на Французите, тимот на Барселона би требало да биде прогласен за шампион бидејќи Каталонците се први на табелата и имаат два бода повеќе од ривалот Реал Мадрид. Сепак, голманот на Кралевите Тибо Куртоа, смета дека тоа не би било фер.
„Само два бода нè делат од Барселона и од лидерската позиција, што значи дека уште сме во трка за титулата. Не би било фер да се откаже сезоната и да се донесе одлука Барселона да биде шампион. Ние покажавме дека сме подобра екипа, во првиот меч ремизиравме, а во вториот победивме. Ако веќе нема да ја доиграме сезоната, подобро е да не се прогласи шампион“, вели Куртоа.
Пред принудната пауза, во Ла Лига се одиграа 27 кола, по кои Барселона застана на чело на табелата со 58 бода, додека Реал има два помалку.