Шкупи на прошетка до Тетово, Шкендија го стаса Вардар на врвот на табелата

Шкендија го декласира Шкупи во меч што требаше да биде дерби на 13. коло и со триумф од 3:0 е лидер на табелата. Фазли, Емини и Алими беа стрелци за шампионот, кој го искористи и киксот на Вардар, па сега со 28 бодови е лидер на табелата.

Вардар има ист број на бодови, 28, но послаба гол-разлика, а денеска со реми против Беласица за првпат во ова првенство не е лидер на табелата.

Дарко Мицевски постигна еврогол за „црвено-црните“ во 30. минута, а за Вардар „кобен“ беше убавиот погодок на Филип Ивановски, играч кој настапуваше за најтрофејниот наш клуб. Денеска и донесе голем бод на Беласица во првото гостување на струмичани на Вардар по 12 години.

Втората струмичко-скопска пресметка им припадна на фудбалерите на Академија Пандев против Работнички. Љупче Дориев со прецизен удар во 54. минута ги израдува домаќините.

Победа со два гола во второто полувреме го надигра и победи Силекс. Нвабуезе и Танушев беа стрелци за прилепчани во 60. и 90. минута.

Ренова има рецепт за експресни пресврти, а и денеска „гипсарите“ победија со два гола за една минута. Влатко Стојановски и Емран Рамадани погодија во 60. и 61. минута за победа во Ѓорче Петров. Домаќинот Македонија поведе со погодокот на Дејан Тантуровски по 15 минути игра, но повторно загуби. Ова е трет пораз по ред за популарните „лавови“.

 

Резултати, 13. коло: Шкендија – Шкупи 3:0, Вардар – Беласица 1:1, Победа – Силекс 2:0, Академија Пандев – Работнички 1:0, Македонија Ѓ.П. – Ренова 1:2.

Табела: Шкендија и Вардар по 28, Академија Пандев 22, Победа и Работнички по 17, Ренова 16, Беласица 14, Македонија Ѓ.П. 13, Шкупи 12, Силекс 11.

- Оглас -

Најнови вести