На „светците“ може да им се стемни во Неапол

Наполи – ПСЖ (21 часот)

Пред почетокот на Лигата на шампионите, францускиот првак Пари Сен Жермен најавуваше атак на трофејот. Сепак, само по три одиграни меча, ситуацијата не им е како што посакуваат. „Светците“ имаат само победа над аутсајдерот Црвена ѕвезда, додека од Ливерпул загубија на гости, а дома едвај со гол во судиското надополнување извадија реми против Наполи.

Сега гостуваат во Неапол, каде што не смеат да си дозволат нов кикс. Со евентуален пораз, ПСЖ ќе остане само со мали шанси за едно од првите две места. Двете екипи негуваат напаѓачки фудбал, но Наполи може и да калкулира и да чека противникот да се отвори, па од контра напад да го загрози голот на ПСЖ.

Наполи кога игра против екипи од Франција, во 11 средби има шест победи, три ремија и само два порази. ПСЖ против италијански екипи е со биланс од две победи, осум ремија и девет порази. Нејмар и Мбапе треба да бидат најопасни за голот на Наполи и токму првите ѕвезди на ПСЖ треба да проработат ако сакаат гостите да се радуваат на триумф, но и тимот да покаже дека има шампионски карактер и да победи кога е најтешко.

Предлог тип: 2&3+ (3.20)

 

Шалке – Галатасарај (21 часот)

Дуел на две екипи кои имаат реални шанси да се надеваат дека може да презимат во елитното натпреварување. Двете екипи се без суспендирани играчи, но имаат повредени. Кај гостите ќе ги нема Фернандо, Дердијок и Акбаба. Пред две недели, во Истанбул дуелот заврши без голови, а интересно е што Шалке и во претходните две средби со турскиот тим нема победа.

Со евентуален триумф, тимот од Гелзенкирхен ќе избега четири бода пред Галатасарај и со една нога ќе биде веќе во нокаут-фазата од ЛШ. Двете екипи премногу тактизираат и најважно им е да не примат гол. Шалке во трите меча досега е со гол-разлика 2:1, а Галатасарај има гол-разлика 3:1, што само асоцира на тоа дека не би требало да има многу голови.

Предлог тип: 1Х&0-2 (1.98)

 

Интер – Барселона (21 часот)

Со или без Лионел Меси на теренот, Барселона е фаворит во дербито на денот. Со евентуална победа, каталонскиот гигант ќе биде сигурно прв и на крајот од групната фаза. Долга е историјата на Барса во дуелите со клубови од Италија. Во 53 мечеви имаат 26 победи, 16 ремија и 11 порази. Интер е со негативен биланс против Шпанците и има 13 победи, 10 ремија и 16 порази.

Во досегашните седум меѓусебни средби, „нераѕурите“ само еднаш ја победиле Барселона, и тоа во 2010 година, кога и станаа европски прваци. Интер беше инфериорен пред две недели на „Камп ноу“, но секако дека на свој терен, пред 80.000 гледачи, други се мотивот и желбата да се победи фаворитот. Сепак, факт е дека Барселона ако одигра како што знае, е подобар противник.

Предлог тип: Х2&2-4 (2.00)

 

Атлетико Мадрид – Борусија Дортмунд (21 часот)

Вистински дебакл доживеа Атлетико на гостувањето во Дортмунд во претходното коло. Оддамна не се памети кога „јорганџиите“ делувале толку немоќно, а Борусија ги казни дури со четири гола. „Милионерите“ не само што се опасни во нападот, туку имаат и гранитна одбрана. Засега, само тие и Јувентус немаа примено ниеден гол во групната фаза.

Сепак, Атлетико е сосема друг тим кога е на свој терен. Фактот дека секогаш имало погодоци на дуелите на овие екипи наведува дека најдобро е да се одигра на голови.

Предлог тип: 2-3 гола (1.97)

 

Монако – Бриж (18:55 часот)

Монако пред две сезони играше во полуфинале од Лигата на шампиони, а сега тимот е во невидена криза. Дури на 13 средби во сите натпреварувања Монако не знае за победа. Во Лигата на шампиони се речиси без шанси, а очајни се и во домашното првенство. Фактот дека клубот од малото Кнежевство може да се бори за опстанок во Франција покажува дека Лигата на шампионите може да им биде само товар плус.

Сепак, ако некако може да се прекине очајната низа без победа, е токму мечот против Бриж. Навивачите на Монако очекуваат дека токму вечерва, по чекање повеќе од три месеци, конечно ќе видат триумф на нивните миленици.

Предлог тип: 1 (2.28)

 

- Оглас -

Најнови вести