Навивачите на Бурсаспор им приредија спектакуларно изненадување на играчите на клубот на денешниот тренинг, а се славеше двоен јубилеј.
Најзначајниот е 57-миот роденден на турскиот второлигаш, а со огномет од факли и пиротехника се прослави и десетгодишнина од единствената титула што сегашниот второлигаш ја освои во Турција.
Во сезоната 2009/10 Бурсаспор, или како што им е прекарот Зелените крокодили, за еден бод ја добија трката со Фенербахче и ја освоија единствената шампионска круна во Турција.
Сега играат во Втората лига, откако лани испаднаа, а се наоѓаат на третата позиција со амбиции да се вратат во елитното друштво.
Првенството продолжува на 1 јуни и треба да се доиграат уште шест кола, а за пласман во Првата лига на Бурса ѝ треба да прескокне едно скалило и да биде на првите две позиции, кои гарантираат настап во најсилната турска лига од следната сезона.