Поминаа 30 години од еден од најбизарните натпревари во историјата на фудбалот бидејќи не се памети друг случај кога публиката навивала за гостинската репрезентација. На тој 3 јуни 1990 година, загрепската публика не ја чувствуваше југословенската репрезентација за своја и со свирежи ја испрати на Светското првенство во Италија.
Неколку недели пред овој пријателски меч кој Холандија го доби со 2-0, на истиот стадион „Максимир“ се случија инцидентите пред мечот Динамо – Црвена ѕвезда, па антијугословенското расположение беше силно изразено и кулминираше со вртење со грб и исвиркување на југословенската химна.
Публиката ја пееше хрватската химна, ги прославуваше головите на Холандија, нешто што ги изненади Лалињата предводени од Гулит, Ван Бастен и Рајкард. Рајкард на шега изјави дека не знаел дека Холандија има толку навивачи во тогашна Југославија.
На овој меч во вториот дел заигра и нашиот Дарко Панчев, а легендарен е извикот на Фарук Хаџибегиќ пред почетокот на мечот, кога се местеа за групна фотографија. Тој викна: „Значи ние 11-мина против 20 илјади“. Селекторот Ивица Осим ја поздрави публиката со саркастичен аплауз, а потоа на Мундијалот во Италија ја однесе репрезентацијата до четвртфинале и петто место.
Потсетување на тие моменти: