Хрватската ракометна легенда после 20 години си оди од Загреб и преоѓа во Металург!

После 18 години во првиот тим на ППД Загреб, хрватската ракометна легенда Златко Хорват, во следната сезона ќе го носи дресот на скопски Металург, клуб против кој водел многу битки во СЕХА и Лигата на шампионите.

За 35-годишниот Хорват, ова е прв трансфер во животот, па затоа многумина се зачудија за овој потег, бидејќи мислеа дека ќе се пензионира во својот матичен клуб. Хорват потпиша договор на една година и ќе претставува големо засилување за клубот од Автокоманда, кој најавува големи амбиции, откако некако беше ставен во втор план зад Вардар 1961 и Еурофарм Пелистер кои беа најактивни во преодниот рок.

Металург донесе уште неколку проверени имиња, но Хорват кој 15 години игра за националниот тим на Хрватска и освои седум медали на големите натпреварувања, е најзвучно име.

И Лино Червар кој го има тренирано Хорват во репрезентацијата и Загреб, а осум години беше тренер на Металург, рече дека е изненаден од одлуката, но верува дека во Металург влегол силен спонзор, и дека Хорват за пари заминал во македонскиот клуб.

Самиот Хорват, почувствувал дека е време за промена.

„Не ми е лесно што ќе го напуштам Загреб после толку години, тој клуб секогаш ќе биде во моето срце, но почувствував дека сега е момент за промена. Мило ми е што одам во Скопје, во една ракометна средина која е препознатлива во Европа. Доаѓам со намера да го вратиме Металург таму каде што му е местото, секогаш тежам кон највисок пласман“ – вели Хорват, кој се радува што е работи со искусен стручњак како тренерот Зоран Кастратовиќ, за кој има многу позитивно мислење.

 

- Оглас -

Најнови вести