Германската фудбалска федерација, ДФБ, им испрати честитки од по 10 илјади евра за новите фризури на Џејдон Санчо и на Мануел Аканџи, кои се казнети поради прекршување на протоколот за натпреварување во Бундеслигата во услови на пандемија со Ковид-19.
За Санчо и за Аканџи има докази дека биле на фризер во услови кога тоа не е дозволено, а од казни се спасија Загаду, Витсел, Гереиро и Торган Азар.
Тие одиграа помудро и не објавија фотографии на социјалните мрежи, иако и тие според германските медиуми биле во друштво на казнетите соиграчи, Санчо и Аканџи.
Казната е само парична за двете млади ѕвезди на Борусија Дортмунд, што е добро за клубот, бидејќи ќе нема суспензии.
„Имаме докази само за Санчо и за Аканџи. Има фотографии со кои се потврдува дека го прекршија правилникот за натпреварување. Клубот нема да биде казнет“, објавија од ДФБ.
Борусија моментно е на второто место во Бундеслигата со 60 бода, 7 помалку од лидерот Баерн Минхен и во последните пет кола ќе се обиде да направи подвиг и да ја освои шампионската титула, сега и без грижи дека ќе остане без помош од Санчо и од Аканџи.