Фудбалскиот рестарт на Ла Лига во Шпанија ќе се случи вечерва во 22 часот, со едно од најголемите дербија во Европа, популарното дерби Ел Гран меѓу Севилја и Бетис.
Темпераментните Шпанци вечерва сепак ќе бидат во малку поинаква позиција, а амбиентот, кој без исклучок на градската пресметка на Севилја во најмала рака е жежок, сега ќе биде чуден. На рестартот мечевите во Ла Лига ќе се играат без присуство на публика, па на „Санчес Писхуан“ трибините ќе бидат празни.
Тоа за Севилја, за Андалузија и за Шпанија е невобичаено, особено кога се игра едно од десетте Топ-10 градски дербија во Европа.
Севилја и Бетис денеска ќе ги одмерат силите по 131-ви пат, а билансот е на страната на екипата што го носи името на градот. Севилја има 61 победа, Бетис се радуваше на триумф на 38 меча, а нерешено завршија најмалку дуели, точно 31.
Само како податок за тоа со колку страст се чекаат и следат мечевите во големото градско дерби на Севилја е дека во градот кој има околу 700 илјади жители, околу 100 илјади луѓе имаат претплатни билети за натпреварите на двете екипи кога играат на своите стадиони, „Рамон Санчес Писхуан“ и „Бенито Вилјамарин“.
Севилја ќе тргне во новото дерби од третата позиција со 47 бода, а Бетис рестартот на првенството, но и дербито Ел Гран вечерва ќе го почне од 12-тото место со 33 бода.