Стадионот во Штип треба да биде реновиран и да го добие изгледот кој беше претставен уште во ноември 2018 година, а во изградбата и реконструкцијата ќе се вклучи Фудбалската федерација на Македонија.
ФФМ во соработка со УЕФА ги продолжува проектите за обнова и реконструкција на фудбалската инфраструктура во државава со цел клубовите да добијат идеални услови за игра, а гледачите на стадионите и покрај малите екрани да уживаат во фудбалот. Градежни активности се одвиваат на стадионите во Чаир, Охрид, Прилеп и Битола, а за Федерацијата еден од важните проекти во периодот што следува е целосна обнова со изградба на две нови трибини на градскиот стадион во Штип.
Претседателот на ФФМ, Муамед Сејдини, со потпретседателот Лазар Ракиџиев и членот на Управниот одбор од ОФС Штип, Димитар Џонов, одржаа работен состанок со градоначалникот на Штип, Благој Бочварски, на кој заклучија дека Градот и Федерацијата ќе ја продлабочат својата соработка во заеднички интерес, а тоа првенствено значи развој на фудбалската инфраструктура во Штип и целосна реконструкција на стадионот на ФК Брегалница.
„Со градоначалникот на Штип остваривме конструктивен разговор и навистина верувам дека меѓусебно можеме многу да си помогнеме преку размена на знаење и искуство по прашањата за развој на фудбалот и изградба на инфраструктура. Мене ми е драго што со градоначалникот Бочварски, нѐ само како архитект по професија, туку и како страствен навивач на Брегалница, фудбалот ни е заеднички јазик и уверен сум дека можеме да направиме големи работи за стадионот во Штип, како еден од нашите најголеми фудбалски центри. ФФМ во соработка со УЕФА ќе ја гради западната трибина на стадионот и заедно со општината ќе биде дел од проектот за изградба на репрезентативен стадион со категоризација за натпревари и од највисок ранг. Со претходниот проект од „хет-трик“ програмата, ние веќе целосно го реконструиравме теренот со поставување модерен дренажен систем и осветлување, но ова е многу поголем и позначаен проект. Допрва следува најважниот дел, но се надевам дека ќе направиме голема работа и дека и во иднина ќе продолжиме да вложуваме во инфраструктурата“, вели претседателот на ФФМ, Сејдини.
„Информиравме за потребата од изградба на Градскиот стадион во Штип со нова, репрезентативна инфраструктура, која би претставувала гордост за градот и ФК Брегалница како еден од најголемите фудбалски брендови во државата. Проектот за новиот стадион го изработи Општина Штип, веќе е доставен во ФФМ, а Федерацијата ќе ја разгледа целата техничка документација, ќе даде свои сугестии, а потоа нашата општина ќе издаде одобрение за градба. Исклучително сум задоволен затоа што добив позитивен одговор од страна на претседателот на ФФМ и подготвеност тие да ја финансираат изградбата на едната трибина. По завршувањето на изградбата, Општина Штип ќе започне изградба на втората трибина на новиот фудбалски храм на штипјани. Во наредниот период како Општина ќе ги преземеме сите обврски за отстранување на постоечката трибина од Градскиот стадион“, изјави градоначалникот Бочварски.