Две финалиња на национален куп ќе се играат годинава во зимски услови во декември, а по Шпанците, кои најавија спектакл за Божиќ и меч за куп-пехарот меѓу Атлетик Билбао и Реал Сосиедад, во последниот месец од годинава ќе биде познат и победникот во Шкотска.
Требаше да се игра на 9 мај, но поради пандемијата со ковид-19, фудбал не се игра во Шкотска од март, кога беше прекинато првенството, а се одложија и куп-натпреварите.
Сега одлуката е финалето во купот да се игра на 20 декември, а претходно треба да се одиграат полуфиналињата меѓу Селтик и Абердин и Хартс и Хибернијан.
Тие мечеви се закажани за 31 октомври и за први ноември и интересно е тоа што ќе фатат добар дел од новата сезона што во Шкотска е закажана со старт на 1 август. Претходната беше прекината и Селтик беше прогласен за шампион.