Да живеат пеналите, Чиро заслужи да биде прв стрелец во Европа

Има дебата и поделени мислења околу тоа дали Чиро Имобиле заслужи да биде „Златна копачка“ на Европа. Многумина мислат дека тој не требало да биде победник, бидејќи од 36-те гола сезонава, дури 14 му беа од белата точка. Па, што ако дал многу голови од пенал, прашуваат други? И головите од пенал се бројат како другите.

Со воведувањето на ВАР технологијата, има повеќе досудени пенали.

Имобиле го изедначи рекордот на Серија А од 36 гола во една сезона. Не е лесно во Италија да дадеш 36 гола, макар и 14 од нив биле од пенал. И да не постоеја пеналите, Имобиле пак ќе беше прв стрелец во лигата, но со 22 погодоци. Кристијано Роналдо беше втор на листата на стрелци, а тој реализираше 12 пенали сезонава.

Најголема жртва на пеналите во трката за Златната копачка е Роберт Левандовски. Ѕвездата на Баерн даде најмногу голови од игра, но не е дека и тој не погодуваше пенали. Сепак, неговите пет пенали се далеку помалку од тие на Чиро или Роналдо.

Интересно е дека првите тројца во трката за Златната копачка, имаат 30 или повеќе голови. Каде се младите? Вернер, Халанд и Мбапе се оние кои требаше да ги загрозат ветераните, ама изгледа ќе треба да почекаме. И во Шпанија доминираат играчи со над 30 години, Меси, Бензема, Рамос, Суарес, сите се во четвртата деценија од животот. Ветераните „потфрлија“ само во Премиерлигата.

Лео Меси во една прилика кажа дека полесно му е да даде гол од слободен удар отколку од пенал. При пеналите, очекувањата на публиката се дека мора да биде гол и тоа е голем притисок врз изведувачот. Од слободен удар и да утнеш, никој нема да ти се лути.

Не треба да се потценат пеналите, не е баш лесно да се даде гол од пенал, особено во важни мечеви и финалиња. Ако беше лесно, Барселона во 1986 година немаше да ги утне сите четири пенали, ќе погодеа барем еднаш, можеби уште таа година Барса првпат ќе станеше европски првак, европска титула ќе имаше и Атлетико Мадрид, Аргентина немаше да чека 30-тина години за титула во Копа Америка, најдобриот играч на СП 1994 (Роберто Баџо) немаше да го паметиме како трагичар од финалето на тој Мундијал, се паметат и трите утнати пенали на Мартин Палермо на ист меч…

Затоа не треба да имаме двојни стандарди и да ги потценуваме постигнатите голови од пенал. Кога ни треба гол на некој тикет, не гледаме дали ќе биде од пенал или не. Тогаш пеналите ни се добредојдени и супер ни легнуваат. Гол си е гол. Кој не ги сака пеналите, нека си гледа атлетика или тенис. Да живеат пеналите!

Супер што Серија А заврши среќно за Горан Пандев. Џенова се спаси од испаѓање, ја победи Верна која не се претргна многу да им го спречи славјето. Како за чудо, во последното коло таму немаше ниеден меч со пресврт „два во еден“ или „еден во два“, но барем имаше подароци за обложувачите како оној на мечот во Џенова каде победникот се најавуваше пред да почне средбата.

- Оглас -

Најнови вести