Севилја ја брани убавата традиција против Црвените ѓаволи, после е лесно за рекордерот во Европа Лигата

Севилја е аутсајдер против Манчестер јунајтед во првото полуфинале во Европа Лигата што се игра вечерва во Келн од 21 часот, барем така велат коефициентите во светските обложувалници.

Но избраниците на Јулен Лопетеги имаат се за да се пласираат во ново, шестто финале во ова натпреварување.

Екипата од Андалузија е исклучително квалитетна, се наоѓа во топ-форма, со неверојатна серија од 19 меча без пораз. Низа за респект што им дава потстрек за 20-ка и успех против Црвените ѓаволи.

Во Германија каде се игра нокаут фазата се подолго од ривалот, бидејќи веќе одиграа два меча во Дуисбург, каде ги победија Рома и Вулверхемптон, пред да се преселат во Келн.

Голманот Боно заборави кога последен пат примил гол и е несовладан на пет меча по ред. Обраната е цврста како бетон, средниот ред искусен со лидерот Банега и одличните Фернандо и Џордан, а во нападот играат опасните стрелци Окампос, Ен-Несири и Сусо.

Лопетеги бара место за Немања Гудељ, кој и се приклучи на екипата по позитивниот тест на корона-вирус, а Севилја може да се потпре и на традицијата во дуелите си Црвените ѓаволи. Ги елиминираа во осминафиналето од Лигата на шампионите во 2018 година со реми дома без голови и победа на „Олд Трафорд“ со 2:1.

Играа уште еден меѓусебен меч, пријателски во 2013 година и тогаш Севилја славеше со 3:1. Интересно е што според минатиот труд, ова ќе биде клучниот меч за Севилја, екипа што никогаш не загубила финале во Европа Лигата и е рекордер со пет пехари во исто толку настапи во меч за титула.

Манчестер јунајтед ќе се обиде да стаса до второто финале во ЛЕ, а го освои пехарот во 2017 година, кога како победник во ова натптреварување играше во Скопје против Реал Мадрид во Суперкупот на Европа.

И Црвените ѓаволи се во одлична форма, имаат само еден пораз во последните 24 меча во сите конкуренции и ќе се обидат да го урнат рекордерот.

Поголемиот дел од играчите се во топ-форма,а силата на тимот е во одличниот среден ред предводен од Фернандеш и од Погба и во напаѓачкото трио Рашфорд-Гринвуд и Марсијал.

Англичаните веќе играат еден меч на „Рајн Енерџи“ стадионот во Келн и тоа маратонски, против Копенхаген и успеаја со голот од пенал на Фернандеш да победат дури по две продолженија од по 15 минути.

Севилја игра вечерва за шесттото финале, а сите им се во Европа Лигата, додека Манчестер јунајтед ќе се обиде со прва победа против шпанскиот тим во меѓусебните дуели да стаса до седмото европско финале. Имаат пет во Лигата на шампионите со три титули и два порази и еднаш играа во меч за титула во Европа Лигата и ја освоија со победа против Ајакс од 2:0 во 2017 година.

Можни состави:

СЕВИЛЈА (4-3-3) Боно – Навас, Карлос, Кунде, Регулион – Банега, Фернандо, Џордан – Сусо, Ен-Несири, Окампос.

МАНЧЕСТЕР ЈУНАЈТЕД (4-1-4-1) Ромеро – Ван Бисака, Бејли, Мегваер, Вилјамс – Фред – Гринвуд, Фернадеш, Погба, Рашфорд – Марсијал.

 

 

 

- Оглас -

Најнови вести